Zoran Zaev
Со дебатата на тема „Иднината на Европа“ синоќа ја завршивме дводневната Меѓународна конференција за мир и одржлив развој, што по повод 6 годишнината од Договорот од Преспа, ја организираа Институтот Алексис Ципрас и Фондацијата Заев.
На оваа завршна сесија во атинскиот конзерваториум, каде што се одржува конференцијата, присуствуваше и претседателката на Грција Катерина Сакеларопулу, која ги проследи настапите на поранешниот претседател на Франција, Франсоа Оланд, претседателот на Партијата на европските социјалисти и поранешниот премиер на Шведска Стефан Лефвен, заменичката претседателка на Владата на Шпанија Јоланда Диаз.
Пораките на сите учесници на конференција наидоа и ќе бидат препознаени како важни насоки и препораки во ова време на големи предизвици за прогресивните општества и поединци. За време на овие два дена на конференцијата видовме плејада слободоумни и личности со визија кои ги испратија своите пораки и размислувања затоа што не сакаат да останат неми посматрачи на загрижувачките процеси околу нас.
Денеска со право се прашуваме за иднината на Европа и оттаму потребата да бидеме и да останеме секогаш будни во заштитата на мирот, демократијата и развојот на човештвото. Ако се сметаме за застапници на слободата и на демократијата, како дел од темелните вредности на Европа, тогаш како наша одговорност за иднината на Европа мора да бидеме подготвени да го дадеме нашиот придонес во борбата за европските вредности кои во суштината ги имаат мирот, дијалогот, соработката, компромисот, разбирањето за другиот.
Оваа конференција имаше цел и да обединува – да придонесе кон градење мостови и сојузи меѓу различните, меѓу умерените и меѓу демократите. Затоа што, сите ние, демократите, левичарите, социјалдемократите, зелените, центристите, прогресивните – сите ние сме умерени, а не радикални политичари. Ако ги најдеме моделите на обединување, стануваме огромно мнозинство. Ние сме огромно мнозинство во споредба со радикалите. И во таа смисла, особено ги поддржувам идеите и напорите за политичко соработка и коалицирање на Европската народна партија, Партијата на европските социјалисти и Либералите, кои заедно имаат речиси двотретинско мнозинство во Европскиот парламент.
